Повик за волонтери-3. издание на #WikiGap edit-a-thon! посветен на намалување на родовиот јаз на Википедија

Шведската амбасада, во соработка со канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, во партнерство со невладини организации од областа на граѓанскиот и женскиот активизам, независни експерти, и академската сфера, како и со поддршка на тимот на Споделено знаење – Викимедија Македонија (Википедија на македонски јазик), на 30 септември со почеток од 17:00 часот, организира трето издание на WikiGap edit-a-thon за зголемување на бројот на текстови за истакнати жени од Северна Македонија и од светот, или значајни настани за родовата еднаквост на Википедија, овојпат со посебен акцент на жените во медицината и медицинските истражувања.

Со оглед на пандемијата со Ковид19 овојпат настанот ќе биде целосно онлајн, а веднаш по настанот ќе стартува уредувачка недела (01-07 октомври) со натпреварувачки карактер, во која најуспешните ќе бидат наградени.

Како што соопштуваат организаторите, идејата е да се профилираат жени од Северна Македонија и од светот кои дале значаен придонес во различните полиња на медицината – и во праксата, но и во науката и истражувањето – особено жени за кои не може лесно да се најдат податоци на македонски јазик.

-На овој начин сакаме да им оддадеме признание и благодарност за нивната пожртвувана работа во справувањето со Ковид19 пандемијата, се посочува во соопштението.

Статиите ќе бидат на македонски јазик и можат да бидат од два типа: статии за жени за кои нема статија на Википедија (или е многу оскудна), чија содржина ќе биде создадена врз основа на стручна литература и сигурни и веродостојни извори и преводи на веќе постоечки статии за жени на Википедија од англиски (или друг јазик) на македонски јазик.

На уредувачкиот маратон може да учествуваат сите заинтересирани млади лица, студент(к)и и млади активист(к)и кои сакаат да придонесат за намалување на родовиот јаз во онлајн просторот и зајакнување на застапеноста на жените во онлајн Википедија енциклопедијата на македонски јазик.  За нивното учество ќе добијат сертификат од шведската амбасада. Оние пак кои ќе се вклучат и во натпреварувачката недела ќе имаат можност да добијат и награда. Повеќе информации за уредувачката недела и наградниот фонд може да се добијат на фејсбук страницата за настани посветена за ова издание на ВикиГап, како и на страницата на Википедија посветена за третото издание на ВикиГап.

По потврдата за учество и пред настанот, волонтер(к)ите ќе треба да се регистрираат на Википедија како уредувач(к)и (доколку немаат веќе кориснички профил), најдоцна до два дена пред самиот настан. Потоа ќе им биде испратена е-пошта со практични информации за настанот, наведуваат организаторите.

Бројот на учесници ќе биде неограничен. Учесниците ќе имаат и можност да продолжат да создаваат, уредуваат и преведуваат статии и во периодот по настанот, и по завршувањето на натпреварувачката уредувачка недела.

Доколку некој сака да биде дел од оваа иницијатива, треба да се регистира на линкот до четврток, 17 септември: https://bit.ly/34mjUOK.

Треба да знаете
Последни објави