Македонија и Косово договорија формирање регионална работна група за Ковид-19

Mинистерот за здравство, Венко Филипче, и заменик министерот за здравство Арменд Арслани остварија средба со mинистерот за здравство на Косово, Арменд Земај и неговиот тим.

На средбата се разговараше за актуелната состојба со Ковид-19, но и во однос на други аспекти и можна соработка во сферата на здравството помеѓу двете земји.

„Договоривме неколку конкретни работи. Пред сé регионална работна група која тековно ќе ги следи состојбите на теренот и ќе ги носи потребните одлуки. Веќе се познати членовите на работната група од нашите две земји, а сега ги чекаме и членовите од останатите земји од регионот, согласно нашиот договор од првиот регионален состанок од пред десетина дена. Оваа работна група ќе обезбедува континуирана размена на информации за епидемиолошката ситуација во земјите. Тоа ќе ни помогне да имаме подобро согледување на епидемијата во секоја од земјите и врз основа на тоа носење на заеднички одлуки, нешто што сите нас нé засега. Пред сé тука мислам на режимот на поминување на границите“, изјави Филипче по средбата и додаде дека одлуката за режимот ќе се донесе во текот на следната недела.

На средбата се разговараше и за размена на искуства и во посебни области од медицината, а се договори и соработка на ниво на медицинскиот факултет, во смисла на тренинг, дополнителна специјализација и супспецијализација.

„Разговаравме и за можноста да аплицираме заеднички на европски проекти пред сé во сферата на тренинг и стекнување на искуство на здравствените работници, доктори од одредени специјалности“, информираше Филипче.

Земај  по средбата изјави дека целта на денешната посета е унапредување на односите меѓу двете земји во областа на здравството.

„Денес успеавме да конкретизираме некои прашања. Се договоривме да продолжиме да работиме заедно во работни групи и да ја продолжиме соработката во интерес на двете земји. Оваа подготвеност покажува дека и натаму можеме да работиме заедно во одржување на здравјето на населението. Денес разговаравме и за другите епидемиолошки предизвици што не очекуваат во иднина, како на пример укинување на ПЦР тестовите“, изјави Земај.

Треба да знаете
Последни објави