Затворени врати на Регулаторна за ВМРО-ДПМНЕ, бараат оставка од Бислимоски

Вториот протест на ВМРО-ДПМНЕ против поскапување на струјата, кој почна со марш и блокада на улицата кај Регулаторната комисија заврши со затворени врати за раководството на партијата, кое не беше примено од тиа против кои протестираат. Меѓу оние кои бараа средба со регулаторите не беше лидерот Христијан Мицкоски, туку потпретседателите на партијата Владо Мисајловски и Александар Николовски, како и генералниот секретар Игор Јанушев.

Како што изјави Мисајловски, во институцијата наишле на затворена врата.

-Денеска ВМРО-ДПМНЕ повторно е на улица. Како што најавивме пред неколку дена бараме од власта, од оваа мафијашка власт да ги слушне барањата на граѓаните. Ние денеска дојдовме до Регулаторната комисија, јас подоцна ќе ви дадам и едно видео да видите како не пречекаа со затворени врати, никој не ни ја отвори вратата за да го поднесеме ова барање до нив. Се разбира ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани да дојдат и да ни се придружат бидејќи ние сакаме да го слушнеме гласот на народот. Гласот на народот е да се намали оваа цена на струјата, бараме да се врати цената, но исто така бараме да си поднесат оставка сите членови на Регулаторната комисија се разбира на чело со претседателот.

Нивниот претседател кој е недемократски претседател не ни отвори врата денеска да доставиме само едно барање. Тоа е ова барање каде што ние ги доставуваме главните причини, она што граѓаните го бараат, а тоа е да се врати цената на струјата и се разбира овие партиски членови да си заминат и да дојдат квалитетни луѓе кои навистина ќе се грижат за сите граѓани во Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде на улица. Затоа го повикуваме целиот народ, ги повикуваме сите здруженија, сите граѓани да ни се придружат. Оваа битка не е само наша битка, ова е битка на секој еден граѓанин. Мора да го чујат нашиот глас бидејќи само така сите сме посилни. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да престане, туку ќе се здружува, заедно ќе се сплотува со многу невладини организации, граѓански асоцијации, здруженија и сите оние граѓани што сакаат да победи правдата.

Затоа ние денеска тука ги блокиравме овие раскрсници, токму тука пред Регулаторната комисија, но сакам исто така и да им се извинам и на граѓаните поради оваа блокада. Знам дека можеби направивме гужва во сообраќајот но тоа го правиме за сите граѓани, го правиме за да победиме сите заеднички бидејќи оваа мафијашка власт единствено може да слушне нешто само ако сме гласни. Затоа уште еднаш благодарност до сите што дојдоа. Ние ќе продолжиме со сите демократски алатки, со сите оние работи што ни се на располагање да го чујат нашиот глас.

 

 

Треба да знаете
Последни објави