Италијанската финансиска полиција открила 11 јахти чии сопственици не плаќале данок и на тој начин ја оштетиле државата за речиси 1,5 милиона евра, пишува весникот „Ил фато Котидиано”.
Поради неплатените даноци, минатата година Италија загубила речиси 12 проценти од вкупниот БДП.
Оние кои измамуваат или не плаќаат даноци се претежно во трговијата на големо, во услужните дејности, на пример лекари, стоматолози, економисти, потоа меѓу сопствениците на ресторани, а оваа група се вбројува и работата на црно.
Веста за сопствениците на јахти кои не плаќале данок е објавена истовремено со извештајот на Европската унија за наплата на данок, според кој Италија е на првото место по бројот на оние што избегнуваат да го сторат тоа и вкупниот износ на неплатени даноци.
Извештајот се однесува на 2018 година, што значи дека државната каса е оштетена за повеќе од 35 милијарди евра, пишува весникот „Ил Фато Котидиано”.
Според извештајот, сите земји на ЕУ заедно од неплатени даноци изгубиле 140 милијарди евра.
-Поради пандемијата со Ковид-19 предвидуваме дека загубата од неплатените даноци во 2020 година ќе биде уште поголема, изјави еврокомесарот за економски прашања Паоло Џeнтилони.
Поради даночна измама, Велика Британија, додека се уште беше членка на ЕУ, загубила 23 милијарди евра, а Германија 22 милијарди евра. Италија се наоѓа на самиот врв на класификацијата и според разликата меѓу планираните и реализираните даночни приходи.
Пред Италија се Грција, Романија и Литванија, а разликите меѓу остварените и планираните приходи се движат од 20 до 30 проценти.
-Пандемијата на коронавирусот драстично го намали економскиот потенцијал на ЕУ, што секако ќе биде под влијание на неплатените даноци. Затоа е поважно од кога било да се стори сé што е можно за откривање и казнување на оние кои не плаќаат данок и со тоа да му наштетат на општеството во целина. Треба да ги поедноставиме процедурите даночни пријави и зајакнување на меѓународната соработка, рече Џeнтилони.
Затајувањето данок во Италија е стар проблем и претходните влади се обидоа да го решат, но без успех.