Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оствари работна средба со претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска. Целта на денешнава средба беше утврдување на видот и количините на опрема што РСБСП во наредниов период ќе ја обезбеди како донација за надлежните сообраќајни единици во МВР за зајакнување и модернизирање на уредите и опремата во делот на сообраќајот.
„Изминативе години Министерството за внатрешни работи самостојно, но и како партнер со РСБСП, беше дел од многу кампањи од областа на сообраќајот. Превентивното делување фокусирано на повеќе нивоа, почнувајќи од децата и младите, па сè до интензивирањето на сообраќајните контроли низ целата држава, е неопходно и дава позитивни резултати“, рече министерот Спасовски, изразувајќи задоволство од досегашната соработка со РСБСП со надеж дека истата и во наредниов период ќе биде интензивирана.
Кожуваровска на состанокот истакна дека соработката на РСБСП и Министерството за внатрешни работи се реализира на високо ниво, потенцирајки дека безбедноста во сообраќајот е врвен заеднички приоритет и дека само со заедничка соработка и со комбинација од превентивни и репресивни мерки може да се придонесе за намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди.
Од МВР најавуваат дека сообраќајната полиција во наредниов период интензивно ќе постапува на терен и ќе работи на подигање на безбедноста на сообраќајот на едно повисоко ниво – притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за неисправните возила по коловозите, за непочитувањето на сообраќајните правила и прописи.