Притисоци врз родители што сакаат онлајн настава, им се бараат потврди дека децата имаат хронична болест

Во повеќе основни училишта во земјава изминатава недела родители добивале пораки дека ако одберат онлајн настава за децата до трето одделение, ќе треба да достават и медицинска потврда од специјалист, дека детето не може да посетува настава поради хронична болест, пишува „Радиомоф.мк.“

На прашањето на Радио МОФ, за тоа дали имаат сознанија дека на ученици до трето одделение кои сакаат да следат онлајн настава им се бараат медицински белешки за постоење хроничка болест, од Министерството за образование и наука само цитираат одредба од Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година.

„Прашањето е регулирано со одредби во Планот за организирање на учебната 2020/2021 година.

1.2.4. Ученици со респираторни, хронични, ретки болести и/или други болести во општинските основни училишта

Учениците кои имаат потврда од матичен лекар/педијатар дека поради својата здравствена состојба не треба да посетуваат настава со физичко присуство следат настава со учење од далечина.
Родителот/старателот до училиштето доставува медицинска документација и потврда од матичен лекар“, стои во кусиот одговор до Радио МОФ.

Сепак, во истиот план, во делот кој се однесува на следење на наставата на децата од прво до трето одделение, стои само дека родителот треба да потпише изјава дека неговото дете ќе следи настава на далечина, во која ќе се обврзе дека детето редовно ќе ја следи наставата која училиштето е должно да ја организира онлајн.

И министерот здравсто, Венко Филипче, при најавата за планот за настава за оваа учебна година пред неколку недели, изјави дека за децата од прво до трето одделение, нивните родители или старатели може да избираат детето да учи онлајн, доколку сметаат дека не е безбедно да го праќаат на училиште.

„Причина за ваквиот избор е тоа што во одредени семејства има родители што се хронично болни, во категорија на висок здравствен ризик. Понатаму, децата дома се чуваат од повозрасни членови, како баби и дедовци, кои исто така може да имаат хронична болест, па семејство да е во поголем ризик“, рече Филипче.

Треба да знаете
Последни објави