Трговската размена меѓу Северна Македонија и Украина лани е значително зголемена, а очекувањата се дека и годинава ќе има сличен трговски биланс, оцениле на денешната средба вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и украинската амбасадорка Наталија Задорожњук.
Двајцата соговорници се согласиле дека двете земји имаат исклучителни пријателски односи, а ги поврзуваат и заедничките стратешки определби во однос на остварувањето на евроатланските интеграции.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, се разговарало и за потенцијалот за развој во трговската размена на земјоделското производство, градежништвото, проектите за подобрување на животната средина, но и за зголемување на обемот на трговската размена за производи со повисока додадена вредност, особено во автомобилската индустрија.
– Со новата Влада доаѓа и нов позитивен импулс за соработка со партнерските земји, истакнал Битиќи, додавајќи дека има повеќе сектори во кои може да се развива економската соработка меѓу двете земји.
Соговорниците се согласиле да продолжат со интензивна комуникација, а сите важни теми поврзани со економијата да бидат во детали дискутирани на состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија и Мешовитиот комитет за имплементација на Договорот за слободна трговија, од каде би прозлегле и конкретни предлози за унапредување на меѓусебната економска соработка.