Нов инструмент за соработка меѓу бизнис заедницата и академијата, вака Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го најави новиот Јавен повик за доделување финансиски средства преку иновациски ваучери.
Целта на Повикот е поттикнување на соработката меѓу компаниите и науката во насока на спроведување иновациски активности кои ќе ја зголемат конкурентноста на бизнисите, сегмент во кој земјава многу заостанува.
Повикот ќе биде објавен на 1 октомври и ќе трае додека проектираните средства не бидат доделени. Апликациите ќе се поднесуваат електронски.
-Според последните статистики од 2019 година, во светски рамки се вложуваат илјада и седумстотини милијарди долари за истражување, а кај нас 40 милиони евра или само 0,4 проценти од БДП. Во споредба со Словенија, ова ниво е шест пати повисоко зашто таму во истражување и развој се вложуваат 2,4 проценти од БДП. Ова покажува колку реално заостануваме, не зад европскиот просек, туку зад земјите од регионот. По многу перформанси сме одлични, особено во институционалниот дел и поддршката на мали, микро и средни претрпијатија, но во делот на соработката на академската заедница и деловниот сектор, Македонија го зазема 119-тото место од 131 земја. Сите овие податоци укажуваат дека ова е област која била занемарена од страна на државата, но сега влегуваме во процес кој ќе овозможи да фатиме приклучок, потенцира директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.
Преку ваучерите ќе се доделат вкупно 15.000.000 денари. Директни корисници на средствата ќе бидат универзитетите кои ќе им даваат услуги на компаниите по ценовник што сами ќе го утврдат. Тоа, напомена Деспотовски, значи дека овие пари ќе завршат на сметка на високо-образовните институции и ќе може да се искористат, не само за професорите, асистентите и студентите, туку и за зајакнување на капацитетите на универзитетите, за нови лаборатории и за се друго што во моментот недостасува во академските и научни институции.
Рокот на искористувањето на ваучерите ќе биде шест месеци од потпишувањето на договорот меѓу претпријатието-корисник и ФИТР, а со нив ќе може да се покријат 80 отсто од трошоците или максимум 500.000 денари без ДДВ.
Апликанти на Повикот може да бидат мали, микро и средни претпријатија кои ги исполнуваат конкретните услови дефинирани во Повикот, а давачи на услуги од областа на науката високо-образовни установи, унивезритети и институти, како и МАНУ.
Една компанија може да добие најмногу два ваучера, но не за ист повик.
Средствата може да се искористат за развој на нови или искористување на постојните производи, услуги, процеси, за технички спецификации, за производство на лабораториски прототипови, за различни видови испитувања, за валидација на технологија, за развој на посебни софтвери, за организирање специфични обуки,…
– Ваков инструмент недостасуваше. Сме имале доста јавни повици изминатите три години, но она што постојано зборуваме и сега првпат го реализираме е како академската заедница и формално да ја вклучиме во економскиот развој. Вклученоста на академскиот кадар досега беше на ниво на приватна иницијатива или на индивидуален ангажман. Прв пат државата воведува инструмент со кој директно поттикнува, со финансиски средтства, а не со политика и зборување, соработка меѓу бизнисот и науката во функција на економскиот развој, рече директорот.
Уште од првиот ден кога ќе се објави Повикот, дополни, ќе може да се доделуваат финансиски средства по принципот „прв дојден – прв услужен”.
Министерката за образование и наука Мила Царовска која, исто така се обрати на промоцијата на Јавниот повик, истакна дека со овој нов инструмент за соработка на бизнисот и науката ќе вложиме многу повеќе што е од интерес на сите страни.
-На овој начин високо-образовните институции ќе станат извор и на иновации и на знаење во реалниот сектор, а во истовреме со ова вложуваме и во идните академски граѓани кои низ проектите ќе може да работат на реални истражувања. Овој тип на воспоставување на екопростор помеѓу високообразовните институци и компаниите создава можност од една страна финансиските средства да не се одлеваат само на консултантски услуги и надвор од државата, а од друга бизнис секторот да ја зголеми финансиската поддршка во високото образование. Сигурна сум дека ова кое го иницираме сега ќе успее да се развие во програма која системски ќе се гради и на крајот ќе видиме дека бизнис секторот и научните установи ќе воспостават континуирна соработка во заеднички интерес со цел државата да ни се развива,” порача Царовска. Таа додаде и дека на овој начин ќе се зголеми учеството на БДП во научно истражувачки проекти кое сега е на ниско ниво, рече Царовска.