Шест лица се полесно повредени денеска во Анкара, која беше погодена од ретка песочна бура, пренесува турскиот весник Хуриет. Песочната бура ги погоди окрузите Олатли и Хајман околу 15 часот по локално време, а претходно беше издадено предупредување за силен дожд и невреме.
Гувернерот на Анкара, Васип Шахин, потврди дека шест лица се полесно повредени.
Ветерот оштети неколку покриви на куќи и згради, откорна дрвја, а граѓаните во паника бараа засолниште, пишуваат турските медиуми.
Поради невремето имаше прекин на електричната енергија во центарот на градот, а пожарникарите им помагаа на оние што беа заглавени во лифтови.