Повик за учество на тендер за консултантски услуги за консолидација на земјиште во Дабјани

Во рамки на проектот финансиран од Европската унија „Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД), спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединети нации (ФАО) во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, објавен е јавен тендер за извршување консултантски услуги за консолидација на земјиште за втора фаза од Планирање на распределба на земјиште во Дабјани.

Како што соопшти Канцеларијата на ФАО, во земјава, на тендерот можат да учествуваат овластени геодетски компании кои се регистрирани во Регистарот на вршители на работи во функција на консолидација на земјиште при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, во согласност со член 9-а од Законот за консолидација на земјоделско земјиште. Крајниот рок за поднесување понуди е 13 октомври (вторник) 2020 година до 09:30 часот.

Врз основа на резултатите од Студијата за оправданост (физибилити студија) неодамна спроведена во Дабјани, консултантските услуги што ќе треба да се реализираат во рамки на објавениот тендер вклучуваат: проценка на вредноста на земјиштето, идеен дизајн на земјоделската инфраструктура, подготовка на План за распределба на земјиштето преку процес на партиципативно преговарање со сопствениците и корисниците на земјиштето и изработка на геодетски елаборат во проектното консолидационо подрачје, во согласност со Законот за консолидација на земјоделско земјиште и друга релевантна легислатива.

Со цел да имаат пристап до тендерските документи и да можат да поднесат понуда, заинтересираните компании треба прво да се регистрираат на Порталот на Обединети Нации за глобален пазар – United Nations Global Marketplace portal (УНГМ-UNGM) на: https://www.ungm.org/Vendor/Registration, бидејќи само регистрираните компании ќе имаат право да учествуваат. После успешна регистрација компаниите ќе можат да пристапат до тендерските документи и да ги поднесат своите понуди преку истиот UNGM портал (https://www.ungm.org/Account/Account/Login).

Дабјани е дел од Општина Долнени, лоцирано во средината на Прилепско Поле. Подрачјето опфаќа 742,9 хектари (ха) земјоделско земјиште, расцепканo на 602 парцели со неправилна форма, во сопственост на 84 сопственици на земјиште. Еден сопственик поседува седум парцели во просек, а скоро половина од вкупниот број на парцели (48%) се помали од 0,5 ха. Дабјани се карактеризира со претежно рамен терен и над 96 % од вкупната површина е плодно обработливо земјиште што се користи за земјоделско производство, главно житни култури (пченица, јачмен и пченка). Сите земјишни парцели во Дабјани се регистрирани во Катастарот на недвижности. Иницијативата за консолидација на земјиштето во Дабјани потекнува од самите сопственици на земјиште, која беше поднесена и избрана во рамки на Вториот јавен Повик за изразување на интерес за учество во консолидација на земјоделско земјиште на проектот МАИНЛАНД финансиран од Европската Унија, објавен на 13 јуни 2019 година.

-Како прв чекор во консолидацијата на земјоделско земјиште, беше спроведена Студија за оправданост за консолидација во Дабјани во периодот мај – август 2020 година. Студијата ги испита структурата на земјоделското земјиште и земјоделското производство во Дабјани, состојбата со сопственоста на земјиштето, сите имотни и правни прашања, го оцени интересот и посветеноста на сопствениците да учествуваат во консолидацијата на земјиштето, нивните индивидуални потреби, како и потребите на заедницата за подобрувања во земјоделската инфраструктура. Врз основа на деталната анализа, се утврди дека спроведувањето на консолидација на земјиштето во Дабјани е изводливо и дека 91% од сопствениците се многу заинтересирани за консолидација на земјиштето. Студијатата за оправданост даде позитивна препорака за спроведување на консолидација на земјиштето во Дабјани, по принципот на распределба со промена на границите, и за почнување на втората фаза од процесот – Планирање на распределба на земјоделското земјиште, наведува Канвеларијата на ФАО.

Треба да знаете
Последни објави