Дупка со длабочина и до четири метри откриле работниците кои работат на реконструкцијата на булеварот „Александар Македонски“ која започна на 5 септември. Во текот на изведувањето на денешните градежните активности со гребење на дел од асфалтот, работниците налетале на дупката која за среќа не се отворила додека булеварот целосно се користеше за сообраќај.
Фотографии од теренот сподели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
-Кога некоја инфраструктура не се одржувала повеќе од 40 години, тогаш изгледа за жал дека е многу нормално при реконструкција да наидете на дупка длабока 4 метри. Само среќа ги чувала сите кои поминувале по булеварот Александар Македонски, а патот не пропаднал. Веќе започнавме со санација и нема да доцниме со реконструкцијата, напиша Шилегов на својот фејсбук профил.