Претседателот на политичката партија Алијанса за Албанците, Зијадин Села понуди оставка на седница на Централното собрание, но мнозинството не ја прифати, со што тој и натаму ќе ја води најбројната опозициска партија во албанскиот блок. Од партијата официјално се отстранети и претседателите на ограноците од Тетово и Долнени.
Според Села, отстранувањето следува откако тие пред изборите најавиле соработка со партијата „Беса”, а со нивните постапки и делување грубо го прекршиле партискиот статут.
Централното собрание на партијата на седницата работеше по шест точки, но по барање на лидерот беше ставена уште една точка која се однесуваше на неговата оставка. Со мнозинство гласови, оставката беше одбиена, со што на Села му продолжува мандатот како претседател.
На паузата од седницата која се одржува во спортската сала „Младост” во Гостивар, Села ги објасни одлуките за понудената оставка и отстранувањето на некои членови од нивните редови.
За понудената оставка рече дека тоа е морален чин по изборниот резултат, но одлуката е на највисокото раководството.
На прашање за актуелната политичка состојба во Северна Македонија и новото парламентарно мнозинство, Села одговори дека не е точно тоа што го кажува лидерот на СДСМ, Заев дека добил поддршка од уште тројца пратеници од опозицијата.
-Нема можности, ни теоретски, тоа се пратеници од нашата партија, а не верувам дека тоа се некои од ВМРО-ДПМНЕ, рече Села.
Органите на партијата на седницата го разгледуваа извештајот од Централниот изборен штаб на партијата за предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули. Со една од точките на дневен ред се правеше и избор на нови членови во раководните тела. Кон крајот на седница, Централното собрание ќе ја анализира актуелната политичка ситуација и ќе донесе генерални насоки за натамошното делување.