Во Унгарија, денеска се потврдени 916 нови случаи на коронавирус, најмногу од почетокот на пандемијата, во период кога учениците се враќаат во училиштата. Иако бројот на заразени расте, има релативно малку починати од Ковид-19 во Унгарија. Само двајца постари пациенти со хронични заболувања починале од компликации поврзани со коронавирус во изминатите 24 часа.
Владиниот штаб за борба против коронавирусот соопшти дека во моментот има 7.134 активни случаи во земјата.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој присуствуваше на денешниот состанок на Штабот, рече дека училиштата остануваат отворени и животот мора да продолжи. – Здравствениот систем е подготвен да управува со нов бран на пандемијата, со повеќе од 10.000 слободни кревети, рече тој, додавајќи дека граѓаните мора да ги почитуваат правилата за контрола на пандемијата, како што е задолжителното носење маски во јавниот превоз.
– Можеме да управуваме со училишта, рече Орбан во видеото објавено на неговата Фејсбук страница. – Од 1 октомври, исто така, ќе воведеме задолжително мерење на температурата на влезот во училиштата, додаде тој.
Орбан рече дека Владата ќе воведе ограничување на цената за тестирање на коронавирус.
Во приватните клиники, тестирањето за коронавирус чини до 100 евра во Унгарија, а бесплатното тестирање во јавните здравствени установи е побавно и потешко да се добие.
– Унгарија мора да ги заштити своите граѓани, вклучително и најранливите, односно старите лица, но економијата не смее повторно да се затвори, повтори Орбан.
Од почетокот на пандемијата, коронавирусот е потврден кај 11.825 Унгарци, а 633 лица починале од последиците на болеста.