Иран го обвини Бахреин дека стана партнер на израелските злосторства

По вчерашното објавување на договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и Бахреин, Иран го обвини Бахреин дека е партнер во израелските злосторства.

„Отсега  владетелите на Бахреин ќе бидат партнери во злосторствата на ционистичкиот режим како постојана закана за безбедноста во регионот и светот на исламот”, соопшти синоќа Министерството за надворешни работи во Техеран.

Иран го обвини својот главен непријател Израел за „децениското насилство, масакри, војни, терор и крвопролевање во угнетената Палестина и регионот”, пренесоа агенциите.

Преку „срамниот договор Бахреин ја жртвуваше палестинската кауза на олтарот на американските избори”, додаде иранското министерство во соопштението, предупредувајќи дека „резултатот несомнено ќе биде растечката омраза кон угнетениот палестински народ, муслиманите и слободните земји”.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека Бахреин стана втората арапска земја што одлучи да ги нормализира односите со Израел, под спонзорство на Вашингтон, откако тоа изминатиот месец го сторија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, на почетокот на овој месец рече дека Емиратите го „предале” муслиманскиот свет и дека се надева дека тие „наскоро ќе се разбудат и ќе го сменат тоа што го сторија”, потсетуваат израелските медиуми.

Треба да знаете
Последни објави