Убиството на девојче во градот Рочестер, Њујорк, кое се случи пред 35 години, конечно беше решено со помош на ДНК-тестови, пренесува Си-Ен-Ен.
14-годишната Венди Џероми била силувана и убиена додека одела кај нејзина другарка за да и’ даде картичка за Денот на благодарноста во 1984 година. Нејзиното тело го пронашол случаен минувач, покрај корпа за отпадоци.
Полицијата во средата го уапсила 56-годишникот, Тимоти Вилијамс, во неговиот дом во Флорида.
Мајката на убиената девојка со солзи и’ се заблагодари на полицијата за истрајноста во решавањето на случајот.
„Мислев дека никогаш нема да го доживеам овој ден“, рече Марлин Џероми и додаде дека жали што нејзиниот сопруг не е жив.
Полицијата објасни дека бил земен примерок од ДНК за време на обдукцијата и бил споредуван со базата на податоци на ФБИ, но не се совпаѓал. Потоа, во 2017 година, законот бил изменет и на полицијата и било дозволено да бара не само совпаѓање на примероците од ДНК, туку и споредба со други членови на семејството.
Убиецот живеел во соседството на жртвата за време на убиството, а тогаш имал 20 години.