Поранешните осуденици на Флорида ќе треба да ги платат сите парични казни и судски трошоци пред повторно да добијат право на глас, одлучи сојузниот апелациски суд и таа одлука може да влијае на резултатот од претседателските избори во ноември, пишува „Гласот на Америка”.
Федералниот апелациски суд ја смени пресудата на нижиот суд во Флорида, со кој на осудениците им се даде право на глас, без оглед дали ги подмириле своите финансиски обврски, и со тоа ја поддржа позицијата на републиканскиот гувернер Рон Десантис и на републиканското собрание на Флорида.
Во 2018 година, жителите на Флорида изгласаа дека треба да им се дозволи да гласаат на сите оние што ја издржале затворската казна.
Таканаречениот амандман 4 трајно забранува гласање за убијци и силувачи, а на останатите кои ја отслужиле затворската казна, а се проценува дека има околу 774 илјади, им е дозволено да гласаат.
Законот подоцна беше оспорен од делегатите во државното собрание, кои го поставија прашањето „што значи издржување на казната” и одлучија дека терминот значи дека осудениците треба да ги платат сите судски трошоци и парични казни пред да им биде дозволено да гласаат.
Пресудата на федералниот апелационен суд може да влијае на исходот од изборите во 2020 година Флорида се смета за држава што сегашниот претседател Доналд Трамп мора да ја освои за да биде реизбран, а патем е позната и по нејзините „тесни” резултати. На гласовите на поранешните осуденици најмногу сметаа демократите, пишува Гласот на Америка.