Бугарија нема да става вето за да и застане на патот кон првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, вели поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев во интервју за телевизија 24.
По исптаените заканувачки тонови од страна на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов и европратеникот од оваа земја Андреј Ковачев, поранешниот претседател Плевнелиев кој беше на оваа функција од 2012 до 2017 година, а беше и министер во владата на премиерот Бојко Борисов, ја смирува топката.
– Јас мислам дека тоа нема да се случи. Бугарија секогаш ја поддржувала Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон мирен, демократски и европски просперитет. Агендата на Софија кога Бугарија беше претседавач со Унијата го отвори патот на Земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Бугарија прва ја призна Македонија. Ние сме братски народ. Некои политичари можат да зборуваат како ќе решат, но вистината е дека Бугарија е голем адвокат на соседите, ние сакаме просперитет, а тоа е возможно само со влез во ЕУ, вели Плевнелиев.
Плевнелиев најави дека Македонија нема да се соочи со блокада од Софија во декември, сепак потенцира дека прашањето со Гоце Делчев мора да се реши.