Со слоганите „Слобода”, илјадници бегалци и мигранти, кои четврти ден се на улиците на Лезбос, без кров над глава, денеска повторно протестираа со барање да си заминат од островот, додека паралелно, со брз ритам се поставуваат шаторите во новиот, привремен камп, јави дописничката на МИА од Атина.
По двата пожари во Мориа, најголемиот бегалски камп во Грција, нешто помалку од 13.000 бегалци и мигранти сѐ уште се на улиците, а меѓу нив се и 35 лица позитивни на Ковид-19.
Исто како и вчера, така и денеска бегалците и мигрантите одржаа протест, барајќи да си заминат од Лезбос, а според локалните медиуми од островот, запалиле дел во близина на Кара Тепе, односно местото каде што ќе биде привремениот камп.
Пожарот веднаш бил локализиран.
Шаторите во новиот, привремен камп, што се наоѓа на просторот на стрелиштето, веќе се поставени, а не е исклучена можноста уште вечерва да бидат пренесени дел од бегалците и мигрантите, односно семејствата со деца и ранливите групи.
Планирано е сите оние што ќе влезат во кампот, да бидат регистрирани и тестирани за Ковид-19, како и групирани и сместени според националноста.
Новиот привремен камп, според грчките медиуми ќе прими околу 3.000 лица.
Шаторите се обезбедени од УНХЦР Грција, додека пак од Швајцарија вчера пристигна првата странска помош за Грција, односно за бегалците и мигрантите од Мориа.
Швајцарија испрати еден тон и 200 килограми помош, односно ќебиња, кујнски прибор, средства за лична хигиена и слично.
Алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос, заедно со амбасадорот на Швајцарија во Атина, ја примија помошта наменета за Лезбос.