Директорот на Алфа телевизија Јани Бојаџи денеска попладнето беше во седиштето на ВМРО ДПМНЕ. Ова го сведочат медиумите кои беа на настанот на кој поранешни членови на партијата Интегра, беа кај Мицкоски да договорат нивно преминување во партијата.
Снимателите кои биле повикани во седиштето на партијата да снимаат инсерти го виделе Бојаџи во ходникот од седиштето на ВМРО ДПМНЕ, како чека најверојатно да се сретне со лидерот Мицкоски.
Бојаџи за 24 Инфо рече дека не бил службено и објасни што правел во седиштето на ВМРО ДПМНЕ.
-Вообичаено неделите ги користам за возење велосипед. Ние, вљубените во двете тркала не пропуштаме да уживаме во уникалната можност слободно да возиме во градот кога автомобилите се во гаражите. Крајот од денешната скопска тура го искористив со мои пријатели, инаку членови на партијата ВМРО ДПМНЕ да размениме мислење за мојата идеа Македонија и Скопје да станат балкански велосипедски центар, изјави Бојаџи.
Го прашавме и Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО ДПМНЕ со кого се сретнал Бојаџи и за што се разговарало, но кусо ни одговори дека, иако бил на работа не го затекнал Бојаџи во седиштето на партијата.