Враќањето на турскиот брод „Оруч Рејс” во Анталија, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е „прв позитивен чекор”, изразувајќи надеж дека ќе има и продолжение кон деескалација, јави дописничката на МИА од Атина.
На денешната прес конференција во Солун, Мицотакис повтори дека Грција сака да разговара со Турција, но во мирна клима, без провокации и еднострани активности за единствената разлика, одредување на морските зони.
-Сакам да верувам и да се надевам дека вчерашниот потег е прв чекор во правилна насока. Очигледно, треба да има и продолжение, бидејќи деескалацијата не е нешто што се случува во еден момент. Штом видиме знаци во оваа насока, Грција е секогаш подготвена, зошто не и набргу, за нов циклус контакти со Турција, рече Мицотакис.
За евентуална средба со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, Мицотакис рече дека не е негативен во однос на таква средба и дека доколку постои добра волја и доверба „подобро е да се разговара и да се сретнува, отколку да не се разговара и да нема средби”.
Одговарајќи на новинарско прашање за соопштената програма за набавка на воени авиони и фрегати рече дека е „амбициозна, но во рамките на економските можности на земјата” и објасни дека од 18-те воени авиони „Рафал”, шест се нови и ќе ги заменат старите „Мираж”, додека пак 12 се малку користени од француското воено воздухопловство.
Додаде дека првите авиони ќе стигнат на средината на 2021 година, а планирано е набавката да се финализира до почетокот на 2022 година.
Во однос на коронавирусот и пандемијата, изрази уверување дека ќе постојат, не една вакцина, туку повеќе и повтори дека вакцинирањето ќе биде бесплатно.
-Нашиот проблем е друг, проблемот е да ги убедиме Грците да се вакцинираат, истакна Мицотакис, објаснувајќи дека оние кои што се против вакцината, за жал се побројни од оние кои се против употреба на маска.
Рече дека е апсолутно убеден дека вакцината ќе биде безбедна, исто толку колку што е безбедна вакцината за грипот и потенцираше дека, ако е потребно, за да им даде пример на граѓаните, симболично, тој и неговото семејство ќе бидат првите што ќе се вакцинираат.
За ситуацијата на Лезбос и по последните случувања во Мориа, грчкиот премиер објасни дека треба да се изгради нов Центар за прием и идентификација на бегалците и мигрантите „што нема да ги има негативните страни на Мориа” и откри дека вчера разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел, за можноста Германија да прими дел од семејствата кои веќе добиле азил.
На традиционалната прес конференција, што секоја година се одржува во септември во Солун, во рамките на Меѓународниот саем, а еден ден по говорот на премиерот, Кирјакос Мицотакис речиси три часа одговараше на прашањата што ги опфатија сите актуелни теми во Грција.