Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во името на 27-те земји членки на Унијата, денеска ја повика британската Влада целосно да го спроведе веќе потпишаниот договор за повлекување од Европската унија.
-Време е британската Влада да го преземе својот дел од одговорноста, рече Мишел по телефонскиот разговор со ирскиот премиер Мајкл Мартин.
Британската Влада во средата до британскиот Парламент поднесе предлог-закон со кој делумно се поништува веќе потпишаниот договор за одвојување на земјата од ЕУ, што се смета за кршење на меѓународното право, факт што го призна и самиот британски премиер Борис Џонсон.
Тој, меѓутоа, планира предлог законот од утре да почне да се разгледува во Долниот дом на британскиот Парламент, каде што има мнозинство од 80 пратенички места.
Мишел на Твитер, исто така, кажа дека „станува збор за меѓународниот кредибилитет на потписот на Велика Британија”.
По официјалното излегување на Велика Британија од ЕУ, на 31 јануари годинава, оваа земја и ЕУ почнаа преговори за нивните идни трговски и безбедносни односи. Меѓутоа, преговорите тапкаат во место и се чини дека ќе биде тешко да се постигне трговски договор меѓу двете страни за да се избегне повторно воведување тарифи.
Договорот треба да биде постигнат до крајот на годината, се додека трае преодниот рок, за време на кој Велика Британија се уште ги применува регулативите на ЕУ, иако официјално ја напушти Унијата.