Фактот што не беше обновена турската навигациска информација Навтекс е чекор кон правилна насока, смета претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која од островот Кастелоризо што се наоѓа во близина на Турција, порача дека итната деескалација од турска страна е „неопходен предуслов за политички разговор, врз основа на меѓународното право”, јави дописничката на МИА од Атина.
-Се надеваме дека ќе преовладее логиката, во заеднички интерес на сите народи од регионот. Грција не само што не се заканува на никого, туку е секогаш отворена за дијалог, со предуслов да се почитуваат добрососедските односи и правилата на меѓународното право, порача Сакеларопулу.
Грчката претседателка истакна дека „нелегалните активности на Турција предизвикаа тензија”, кон Грција, ЕУ и НАТО во Егејското море и Источниот Медитеран и додаде дека земјата е „во постојана соработка и комуникација со меѓународната заедница и партнерите, кои во пракса ја покажуваат нивната поддршка”.
Сакеларопулу е во дводневна посета на Кастелоризо по повод 77- годишнината од ослободувањето на островот.