Во 12 италијански региони денеска почнува новата учебна година, по шестмесечна пауза поради пандемијата на Ковид-19, а во некои области е одложен почетокот на наставата.
Враќањето на училиште е голем тест за Италија и антиковид правила на земјата кои беа подготвени во текот на летото.
Повеќето ученици во Италија се враќаат во училиште во вториот понеделник во септември, но во некои италијански региони наставата ќе почне на 16, 22 или 24 септември.
Заштитни маски за деца постари од шест години се задолжителни, а маските за децата и вработените во училиштата треба да ги обезбедат училиштата, но се препорачува учениците секогаш да носат резервна маска, по можност хируршка, иако е дозволена и платнена.
Во училиштата нема да се мери температура на учениците, туку за тоа се задолжени родителите дома, а на таа одлука се спротивставија регионите Пиемонт и Кампанија, каде регионалните власти бараат училиштата да ја проверуваат температурата на учениците.
Според италијанскиот премиер Џузепе Конте, италијанската Влада „интензивно работела и го давала својот максимум” со цел да се обезбедат најдобри услови за почетокот на учебната година.
Враќањето на децата во училиште за време на пандемијата е важен чекор за Италија, првата европска земја што воведе строги мерки за карантин на целата територија на почетокот на март поради Ковид-19, и по околу три месеци постепено ја укинуваше блокадата.