Најмалку 33 жртви во пожарите во САД

Најмалку 33 лица загинаа во пожарите кои го зафатија западниот брег на САД, од Калифорнија на југ до државата Вашингтон на север.

Пожари горат во Калифорнија, Орегон и Вашингтон, а квалитетот на воздухот значително се влошил поради пепелта, јавија локалните медиуми.

Спасувачките екипи, со помош на обучени кучиња, обиколуваат загрозени области на трите американски држави, кои претрпеа најтешки последици од пожарот. Тие трагаат по преживеани и пронаоѓање на телата на можни жртви.

Најмалку шест лица загинаа во Орегон, според податоците на локалната интернет страница за информирање на граѓаните за катастрофите предизвикани од пожари.

Гувернерката Кејт Браун рече дека десетици граѓани се водат како исчезнати во три окрузи.

Во моментов, ситуацијата е поповолна за ангажман на противпожарните екипи, бидејќи по четири дена високи температури и силен ветер, за време на викендот, температурата почна да опаѓа и ветерот се смири.

Малку повлажните временски услови и воздухот кој струи кон внатрешноста на Тихиот океан создаваат услови за подобра работа на службите ангажирани за гаснењето на пожарите.

Белата куќа соопшти американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги посети властите во Калифорнија.

Тој претходно рече дека гувернерите на државите од западниот дел на САД сносат дел од одговорноста за кризите предизвикани од пожарите во последните години поради, како што истакна, несоодветното одржување на шумите.

Џо Бајден, противкандидатот на Трамп на претстојните избори во ноември, причините за пожарите што го зафатија западниот дел на САД ги поврза со климатските промени.

САД во ноември 2019 година почнаа да се повлекуваат од Договорот за климатски промени, потпишан во Париз, чија цел е да се спречи појавата на глобалното затоплување, како и развојот на нови еколошки технологии во производството и индустријата.

Треба да знаете
Последни објави