Поглед кон еден од најозлогласените затвори во светот (ФОТО)
Кон крајот на април светот го обиколија фотографии од густо збиени редови затвореници во Салвадор, како еден до друг во долна облека и со маски на лице чекаат на претрес во екот на пандемијата од коронавирусот.
Истите слики се повторија на почетокот на септември, кога членови на озлогласените банди се снимени поредени како сардини во три затвори во Салвадор. Еден од нив, Изалко, е во групата на на најозлогласените што се однесува до условите за осудениците.
Тие услови кон крајот на април можеби најдобри ги опиша министерот за безбедност на Салвадор Озирис Луна, кој рече дека во ќелиите во кои се членовите на бандите нема „трошка светлина“. Тој тогаш објави фотографии од решетките на ќелиите покриени со дрвени или метални барикади.
Јужна Америка, како што пишува Би Би Си, има некои од најпренатрупаните затвори во светот. По десетина затвореници се збиени во мали ќелии, па држењето физичка дистанца е невозможно, а нивниот лош медицински систем значи дека било какво избивање на епидемија би се проширило со брзина на шумски пожар.
Обединетите нации во април ургираа до владите подобро да се заштитат осудениците, откако Чиле, Колумбија и Никарагва објавија дека ќе ги преместат своите затвореници во домашен притвор, со акцент на најзагрозените како стари лица и бремени жени. И Бразил и Перу се покренаа, преместувајќи затвореници или давајќи им амнестија, но земјата која е втора во светот по бројот на затвореници ( по САД) не презеде ништо слично.
Оваа држава – Салвадор – вооедно е прва во светот по стапката на убиства по глава на жители. Таа стапка меѓутоа опадна откако на власт дојде претседателот Наџиб Букеле во јуни 2019 година, со својата политика на нулта толеранција кон насилството на бандите. Со 17,6 убиства дневно во 2015 година, црниот биланс падна на 3,6 убиства во октомври 2019, на само 2,1 во март годинава.
Ел Салвадор се бори со насилството на бандите со децении, а затворите во оваа земја, како што пишува Би-Би-Си, „пукаат по сите споеви“. Со оглед на тоа што земјата има голем проблем со бандите – се смета дека дури 80% од нападите во земјата се нарачани од затвор – многумина стравуваат дека насилството дополнително ќе ескалира ако бидат ставени во домашен притвор или амнестирани поради пандемијата.
БиБиСи објави фотографии од Тарик Заид во април, кој помина две години на снимање на условите во затворите во Салвадор, пред пандемијата од коронавирусот да се прошири во оваа централноамериканска земја. Тој доби пристап до шест затвори и со тоа се здоби со редок увид во казнените институции на Ел Салвадор.
Затворските чувари носат „фантомки“ за да го заштитат својот идентитет и да спречат нивните семејства да бидат мета на затворените членови на бандата. Осудениците се густо спакувани во своите ќелии, а ваквите затвори се идеално место за ширење на коронавирус.
Респираторните заболувања веќе се во голема стапка во затворите во Салвадор. Стапката на инфекции со туберкулоза во затворите е повеќе од 50 пати поголема отколку кај останатото население во земјата, според Панамериканскиот журнал за студии за јавно здравје.
Додека затворите во Салвадор имаат капацитет од 18.051 лице,системот во моментов има повеќе од 38.000 осудени лица, во нехигиенски услови придружени со висока температура и туберкулоза.
Нов проблем за претседателот Букеле е коронавирусот поради што тој укина некои од вонредните мерки уште претходно.
На крајот на декември, пред да се прошири коронавирусот на Салвадор, Букеле објави дека затворот Чалатенанго ќе се претвори во универзитет. Потоа рече дека 600 затвореници биле префрлени на други места, а преостанатите 730 ќе бидат префрлени во наредните денови.
Иако Букеле брзо нареди национален карантин и воведе полициски час во земјата поради пандемијата, сè уште нема официјална политика за ослободување на некои затвореници.
Интер-американската комисија за човекови права изрази загриженост за условите во затворите, додека министерот за правда и безбедност, Роелио Ривас, рече дека Врховниот суд ги прогласил бандите за „терористи“.
Според Би-Би-Си, Букеле се соочува со голема дилема – да ги ослободи затворениците и да ризикува со зголемување на насилството меѓу бандите, против кое се борел цело време, или да ги чува зад решетки додекакоронавирусот се заканува да „експлодира“ во затворите.
„Ен-Би-Си Њуз“ посочува дека членовите на ривалските банди делат пренатрупани ќелии во шест затвори во земјата од крајот на април, што е првпат во последните три децении илјадници нивни членови буквално да спијат едни на други на рамената.
Во мај, телевизиската мрежа Телемундо доби ексклузивен пристап во затворот Сиудад Бариос, 160 километри источно од главниот град Сан Салвадор, и разговараше со ривалските членови на бандата кои делат ќелија.
Авила Гомеш од бандата 18-Суренос е еден од 90-те осудени во затворот Бариос кои го делат просторот наменет за триесет лица.
– Како што можете да видите, ние сме преполни. Ние сме 46 од мојата банда и 44 од друга – рече тој.
Самите затвореници се организирале – секоја ќелија има по еден „управител“ по банда. Во делот од затворот што го делат бандите МС-13 и 18-Суренос, колега на Гомез е Франциско Квинтери.
– Се обидуваме да живееме заедно. Не го очекувавме ова. Бевме изненадени, но координираме меѓу двете банди со цел да функционираме добро – рече Квинтеро во мај.
Ова е првпат да се забележи „примирје“ во пракса во затворскиот систем.
Инсајдерскиот извештај од 29 април од затворот Изалко ги претстави договорот и правилата за соживот меѓу осудените членови на бандата. Информациите, обезбедени од неименуван член на бандата, се однесуваат на практични прашања како што се употребата на тоалети и вода, но исто така наведуваат и како треба да се справи со избувнувањето на насилството.
„Ако има некаков проблем во ќелијата и животот се изгуби, а оној што започна сè не е мртов, тој ќе мора да го плати тоа со својот живот“, е една од деветте точки на извештајот.