Црвен крст на град Скопје и Општинските организации на Црвен крст на територија на град Скопје со координирани активности ќе го одбележат Светскиот ден на Првата помош 12 септември под мотото „Првата помош спасува живот”. Активностите ќе се реализираат во период од еден месец (12 септември-12 октомври), во вид на кампања, следејќи ги чекорите и насоките од Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина и Националното друштво- Црвен крст на РСМ.
Целта на активностите ќе биде подигнување на свеста кај целокупното население за значењето на Првата помош како животоспасувачка вештина, со акцент на значењето на истата во време на пандемија. Во насока на остварување на целта, планирана е подготовка и дистрибуција на поголема количина промотивни и едукативни материјали. Во нив ќе бидат содржани информации за укажување на Прва помош во итни состојби, со акцент на значењето на сет по Прва помош кој секогаш треба да го имаме во домот и автомобилот и секако насоки што тој треба да содржи. За поголема достапност на информациите до граѓаните, поставени ќе бидат 4 мега лајт површини, а флаерите и постерите ќе бидат дистрибуирани преку јавни и приватни здравствени установи, болници, во банки, ТЦ, поголеми маркети, пазари и други фрекфентни јавни објекти. Совети за укажување Прва помош, ќе бидат споделени преку социјалните медиуми на Црвен крст.
Согласно досегашната пракса, почитувајќи ги сите протоколи пропишани од Министерството за здравство на РСМ и ЦКРСМ, пред секоја обука за ПП за работни организации и возачи, лекарот/демонстраторот ќе ги запознае кандидатите со совети за превенција од Ковид-19 по однапред подготвена презентација.
Стекнување на нови знаења и примена на вештините за укажување на прва помош за време на пандемија е неопходно. Во услови кога заради вирусот Ковид-19 пристапот до лекарите и здравствени услуги е ограничен, а зголемен е ризикот од повреди во домот како место каде најчесто престојуваме, важно е да поседуваме основни знаења за укажување прва помош. Важно е и да продолжиме со едукации по Прва помош. Согласно состојбите, тоа може да се направи преку онлајн алатки за едукација, или други алтернативни форми на информирање и дисеминација на оваа животоспасувачка вештина со цел да подготвиме што е можно повеќе луѓе за подобро да се грижат за себе и за оние околу нив.
За време на пандемијата од Ковид-19, луѓето ќе продолжат да се повредуваат или да се разболуваат од истите причини како и пред да настане пандемијата. Сепак, можеби ќе се двоумат да повикаат служби за итни помош или да одат во болница од страв од заболување од КОВИД-19, што може да доведе до потешки последици доколку соодветно не се третираат. Од друга страна, болниците или службите за итни случаи може да работат со ограничени капацитети или пак само со итни случаи. Затоа, важно е секој од нас да ги познава основите на прва помош бидејќи таа може да спаси животи. Постојаното следење на насоките на експертите, вклучувајќи ја и Светската здравствена организација (СЗО), ќе помогне навремено да се испраќаат вистинските пораки. Ланецот на постапки за преживување, спречување и подготвеност при пружање на прва помош во време на КОВИД 19 се состои од следниве чекори:
· Превенција и подготвеност
· Рано препознавање
· Обезбедување прва помош
· Повикување и пристап до соодветна медицинска грижа (доколку е потребно)
Свесни сме дека ризиците од повреда во домаќинството се поголеми за време на пандемија. Сѐ повеќе луѓе престојуваат во своите домови, од каде што всушност и работат. Тоа често пати значи дека во домот се појавуваат сѐ повеќе обврски на кои треба да се одговори. Паралелната грижата за децата/ членови во семејството и работата во исто време е предизвик. Во вакви околности, повредите во домаќинството за жал се голем ризик.
Дали знаете што да направите ако некој се гуши? Дали знаете што да направите ако на детето му е потребна реанимација?
Познавањето на овие чекори за прва помош може да спасат живот.
Биди подготвени! Однапред подготвен сет со материјали за Прва помош секогаш треба да чувате во домот или во автомобилот. Никогаш не знаете кога ќе ви треба!
И да не заборавиме, волонтерите на Црвен крст ширум светот беа меѓу првите лица кои одговорија на потребите на населението во време на пандемијата од Ковид-19. И во овие моменти, тие благодарение на своите лични вештини, компетенции, посветеност и храброст, учествуваа во хуманитарни акции кои често значеа спасен живот.