Владата на Република Северна Македонија на денешната 4-та седница ги разгледа и усвои заклучоците на Главниот координативен кризен штаб донесувајќи соодветни одлуки и тоа:
– Вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести, односно, почнувајќи од 23 септември 2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на егзацербација (влошување) и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување, согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.
– Вработените лица, кои се ослободени од работа врз основа на користење на продолжено породилно отсуство, почнувајќи од 23.9.2020 година (среда) да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, имајќи предвид дека можноста за користење на оваа мерка за продолжено породилно отсуство престанува да важи. Останатите вработени лица кои во моментот се оправдано отсутни од работа поради користење на редовно породилно отсуство, истите да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи веднаш по истекот на породилното отсуство.
– Родителите чии деца се до шестгодишна возраст, почнувајќи од 23.9.2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, имајќи предвид дека детските градинки отпочнаа со активности за згрижување и воспитание на деца од 9.9.2020 година, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ.
– Родителите чии деца од шест до 10 годишна возраст се вклучени во воспитно – образовниот процес во училиште, почнувајќи од 23 септември 2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, без разлика на начинот (со физичко присуство или од далечина) на кој детето ќе ја следи наставата во училиштето, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ.
Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да испрати писмено укажување до сите детски градинки да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа.
Воедно, беше препорачано Министерството за труд и социјална политика да укаже на детските градинки да стапат во контакт со родителите чии деца се запишани, а не се донесени за престој во детските градинки во овој период, за да може да се обезбеди престој и за други деца, доколку има место и за оние кои имаат потреба да ги згрижат децата иако работат од дома.
Министерството за труд и социјална политика, во соработка со единиците на локалната самоуправа и државните институции, да ги разгледаат можностите и доколку постои слободен неискористен простор истиот да се намени за згрижување на деца од оние детски градинки од подрачјето на општината каде што ќе биде потребно.
Владата на денешната седница го прифати Предлогот за изменување на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца и тоа: воспитните групи за деца до две годишна возраст да имаат максимум по 12 деца и двајца вработени во смена.
Владата денеска ги разгледа и прифати општите препораки за организирање на настани кои беа предложени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и тоа: задолжително носењето на лична заштитна опрема на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, одржување на физичка дистанца на публиката на настанот со обележани места за седење, поставени на дистанца од 1,5-2 метри и не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката.
Задолжителното одржување на физичка дистанца од два метри се однесува и на сите членови на тимовите задолжени за организација. Според препораките, ограничен е капацитетот на посетители и тоа: настаните на отворено да се организираат со 50 проценти од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители, а настаните на затворено да се организираат со 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители. Задолжителна дезинфекција на раце на влез на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација за целото времетраење на настанот, како и засилени санитарно-хигиенски мерки, редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење со употреба на средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 проценти натриум хипохлорит (5 проценти белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) за подот или 70 проценти алкохол за дезинфекција за горните површини.
При организирањето на настаните потребно е поставување на јасно видливи места на едукативно-информативен материјал за почитување на општите превентивни мерки, носење заштитни маски, одржување на физичка дистанца, редовно/често дезинфицирање на рацете и правилна респираторна хигиена, Задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки: на влезот и во просторот каде се одржува настанот.
Се препорачува електронска продажба на билети, но доколку е потребно да има билетарница потребно е обележување на растојание односно место за чекање од 1,5 до 2 метри и исто растојание меѓу вработениот и посетителот или заштитна бариера.
Врз основа на горенаведените општи препораки секој организатор на настан потребно е да изготви протокол за реализација на планираниот настан кој ќе го објави јавно со цел навремено информирање на посетителите и учесниците во настанот за правилно следење на протоколот.
Со дадените препораки не се опфатени приватните веселби.