„Монологија” излезе неодамна и веќе е една од најпродаваните книги во сите книжарници „Литература.мк”, а воедно може да се нарача и онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk
– „Монологија” дојде сама по себе. Голем дел од тие приказни се стари речиси 30 години и се еден вид на „најдоброто од”. Идејата дојде од млади луѓе кои кога пред околу една година се вратив во Македонија ми рекоа дека сами си ги вадат и читаат монолозите кои ги имам кажано така што решив да ја направам оваа книга. Многу ми е мило што се најдовме со „Арс Ламина” и „Монологија” е издание кое може да се чита повеќепати, на пример, со кафе пред работа или па… може и после работа – во свој стил објаснува Васко и додава дека добро е да соберат монолозите во книга за луѓето да ги имаат пред себе и во нив да најдат нешто кое при гледањето на скечевите можеби го пропуштиле.
Иако Тошо Малерот е еден вид на карикатура која го пародира градскиот провинцијализам, квази интелектуалците и стереотипите, Васко истакнува дека сепак ова е лик во кој може сите да се препознаеме.
– Овие теми се секојдневни ситуации и можеме сите да се препознаеме во одредени моменти, сегменти затоа што овие приказни не се од друга планета. Јас сакам сето тоа да го правам со хумор и сатира затоа што е најприемлив начин за сами да си ги видиме аномалиите во однесувањето и доколку можеме да се коригираме. Искрено и јас се препознавам во некои делови од Тошо – појаснува Васко.
Нобелова награда за литература не сака да добие, пред сè, затоа што не му е предизвик и дознал дека немало нешто многу пари. Додека, околу тоа дали црпи инспирација од Рашче или Вруток, вели дека сепак ја црпи од Амазон.
Васко Тодоров во моментов е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости”. Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15″ заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров. Првата епизода била емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија. Шоуто оттогаш обезбедува силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу-темите. „К-15″ во текот на своето постоење е емитувана на повеќе домашни телевизии и останува една од најпознатите хумористични емисии во земјава.
Со почит,