Косовската влада усвои Одлука против антисемитизмот

Косовската Влада на денешната седница усвои документ насловен Одлука против антисемитизмот, со кој, според предлагачот, министерката за надворешни работи Мелиза Харадинај-Стубла, „Косово влезе во редот на сојузниците и стратешките партнери во борбата против јазикот на омраза кон Евреите”.

Напоменувајќи дека народот на Косово, како жртва на етничкото чистење, „многу добро ја познава тежината на дискриминацијата”, Харадинај-Стубла изјави дека етничката омраза го предизвика и Холокаустот, „кој денес е една од најтажните и најсрамните спомени на човештвото”.

– Косово, кое и самото беше жртва на монструозните идеи за етничко чистење и ништење на идентитетот, многу добро ја познава тежината на дискриминацијата. (…) Денешното усвојување на Одлуката на Владата ги афирмира заложбите за промоција и јакнење на сеќавањето на Холокаустот и на борбата против антисемитизмот во сите негови облици. Оваа одлука е во склад со сите демократски држави кои не го признаваат јазикот на омраза, изјави Шефицата на косовската дипломатија.

На предлог на Харадинај-Стубла на денешната владина седница беше усвоена и предлог-одлука за формирање Меѓуинституционална работна група за унапредување на процесот на интеграција на Република Косово во НАТО.

Треба да знаете
Последни објави