Пол Русесабаџина, менаџерот на хотелот „Руанда”, кој во 1994 година ги спаси животите на над 1.000 лица за време на геноцидот во оваа земја, поради што подоцна се направи и холивудски филм, денеска пред судот во Руанда е обвинет за „тероризам”, јави ДПА.
Русесабаџина (66), чија приказна за херојството беше инспирирација за филмот „Хотел Руанда”, денеска за првпат се појави пред судот откако минатиот месец со лисици на рацете го носеа низ Кигали поради, како што тврди неговото семејство, меѓународно киднапирање.
Групите за човекови права соопштуваат дека Русесабаџина, кој е жесток критичар на претседателот Пол Кагаме, нема да добие фер судење во Руанда. Тој денеска пред судот беше застапуван од двајца адвокати од Руанда, за кои семејството се пожали дека му се наметнати од државата.
На судот не се кажа како Русесабаџина заврши во Кигали, откако долго време живееше во странство. Полицијата соопшти дека тој бил уапсен преку „меѓународна соработка”, додека неговото семејство тврди дека тој бил жртва на вонредна акција во Дубаи.
-Ова е трагедија за правдата. Ова е глумење на правдата, за ДПА денеска изјави ќерката на Русесабаџина, Карине Канимба.
Германската агенција наведува дека властите во Руанда го обвинува Русесабаџина за вмешаност во МРЦД, група од политички партии во егзил копи и се спротивставуваат на владата.
МРЦД има вооружено крило кое се бори против владата на Руанда и е обвинето за извршување напади во близина на границата со Бурунди. Меѓу другите обвиненија, Русесабаџина се соочива и со обвинение за убиство, додава ДПА.
Русесабаџина беше награден со американски претседателски медал за слобода во 2005 година за помагање во спасување на животи за време на геноцидот во Руанда, во кој беа убиени околу 800.000 Тутси и умерени Хути.