Млада танчарка скокнала од балкон на осмиот кат во очаен обид да избега од своето насилно момче.
Џорџија Бродрик го повикала својот татко од нејзиниот стан во Мелбурн и го молела да дојде да ја земе. Таа дознала дека нејзиното момче ја изневерува. Нејзиниот татко не пристигнал на време и 22-годишната девојка скокнала од балконот и слетала на оградата, а нејзиното тело отскокнало во блискиот ров.
Веднаш потоа била пренесена во болница и ставена во индуцирана кома за итна операција на левата рака, која подоцна била делумно ампутирана, пишува „Дејли мејл Австралија“.
Нејзините повреди биле толку лоши што докторите и дале само 10% шанси да преживее – ги скршила грбот, вратот и ногата. Таа за среќа избегнала оштетување на мозокот, иако не се сеќава на трауматските моменти пред да скокне.
Џорџија поминала три недели во одделот за траума каде што ја хранеле преку цевка и сега користи инвалидска количка. Таа неодамна прозборе за емотивната злоупотреба што ја претрпела од нејзиното сега веќе поранешно момче.
„Кога ќе се обидев да го оставам, тој ќе седнеше на влезната врата и не ме пушташе да излезам од станот“, рече таа за „Дејли мејл Австралија“. „Семејството се обиде да ме предупреди затоа што можеа да ги видат неговите манипулации, па тој постојано ги обвинуваше за моите несигурности.
„Ме натера да се чувствувам како да е единствената личност која вистински ме сака.“
Таа сега е безбедна со своето семејство и ја добива потребната помош за да продолжи понатаму, и се надева дека ќе може повторно да оди до Божиќ.
Пријателите започнаа кампања за финансирање за неа на платформата GoFundMe, каде досега беа собрани нешто повеќе од 3.000 долари за нејзино закрепнување.
Бродрик сега повикува секој што е во насилна врска да побара помош што е можно поскоро. „Ве молиме разговарајте со член на семејство или близок пријател на кој му верувате, побарајте помош и подгответе план за излез од опасната ситуација.“