Последните три средби на Комисијата не мрднаа од мртвата точка по прашањето на Гоце Делчев
Два термини за одржување нова средба, 29 и 30 септември или на 1 и 2 октомври, ќе достави македонската страна до бугарските колеги од Комисија за историските прашања меѓу двете земји. Поканата, како што дознава Телма, ќе биде упатена деновиве, а локацијата на средбата е Скопје.
Последните три средби на Комисијата не мрднаа од мртвата точка по прашањето на Гоце Делчев, а од она што го дознава Телма, и во моментов нема поместување во позициите на двете срани по ова прашање. Бугарската страна инсистира Гоце Делчев, да биде запишан како Бугарин, додека македонската страна смета дека не е работа на Комисијата да утврдува нечиј национален идентитет.
Од македонскиот дел на Комисијата за Телма велат дека без отстапки не е можно решение, но оти за нив отстапка за утврдување на национален идентитет на Делчев, не е опција. Отстапка сметаат дека може да се бара во заедничко славење на Делчев за што ќе биде потребно да се утврди неговата улога тогаш и значењето кое го има за двете страни сега, а во кои би се препознале и Македонците и Бугарите.
Македонската страна опција за излез од ќор-сокакот гледа во мулти-перспективата во толкување на историски прашања, нешто што се применува во историските читанки во Европа, кога во нив се презентира различно гледање на две или повеќе страни на исто историско прашање.
Комисијата за историски, арехеолошки и образовни прашања со Грција, пак, која ја замрзна својата работа пред повеќе од една година, е во очекување на датум за нова средба. Од македонскиот тим, очекуваат наскоро до нив да стигне покана за нова средба, на која треба да биде домаќин грчката страна. Оваа Комисија стигна препораките за наставните програми, откако претходно беа разменети забелешки за содржината на учебниците за основно и средно образование.
Новиот министер за надворешни работи Бујар Османи минатата недела најави ставање во функција на мешовитите комисии со Бугарија и со Грција, кои беа формирани согласно со Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство. Работата на овие комисии е во застој подолго време, поради ковид-кризата, како и поради изборите во земјава.