Вечерва Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ гостуваше во дневникот на телевизија Сител. Мицевски при своето гостување истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи институционално, но нема да дава поддршка во обезбедување на кворум.
„Јас уште на првата конститутивна седница реков ако утрото по денот се познава, тешко е дека ќе имаме добар ден. Новата Влада предводена од СДСМ има многу тенко мнозинство, и тоа се гледа на сите седници кои што досега се одржаа“, нагласи Мицевски.
Мицевски додаде дека како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ укажа дека владиното мнозинство има проблем на редовно функционирање на Парламентот од причина што 62 пратеника се многу малку за редовно одржување на самото Собрание и негова работа.
„Не присуствувавме на пленарната седница од причина да испратиме порака, ќе си соберат пратениците, 62 на број, толку е моментално владејачкото мнозинство, да си бидат присутни на седниците и да работат. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше присутно во Собранието, ние впрочем и учествувавме на самата Комисија за верификација на мандатот на колешката, со една цел да испратиме порака дека институционално ќе работиме, меѓутоа нема да даваме поддршка во обезбедување на кворумот“, нагласи Мицевски.
„Ние првиот обид за промовирање на он-лајн седниците на Собранието го разбравме од медиумите, не како пратеничка група, не како координатор на пратеничка група. Треба да продискутираме за можностите во одредени исклучителни случаеви кога би можело да се употреби оваа алатка он – лајн гласањето“, рече координаторот на пратеничката група.
„Знаејќи со какво мнозинство имаме работа ние сме претпазливи, пред се и во давањето на изјавите во тоа и во разговарањето за моделите кои што би можеле да се применат и во кои случаеви би можеле да се применат одредени такви модели“, појасни Мицевски.
„Првин голема транспарентност кон граѓаните и чесност во настапот. Затоа што гледаме едно се зборува пред медиуми, а второ е она што се преговара, или за она што се пазари г. Зоран Заев а тоа се националните интереси во Република Македонија. Впрочем и сведоци сме сите за сето она што се случуваше во изминатиов период и газењето врз македонските национални интереси“, Мицевски.
Мицевски истакна дека овој протест кој што за утре го организира ВМРО-ДПМНЕ ќе биде поддршка за македонските историчари во одбраната на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.