Турција соопшти дека го враќа истражувачкиот брод „Оруч Реис” во спорниот источен дел на Средоземно Море. Грција и Турција се во спор околу поморските граници и енергетските извори во таа област, што е најновиот во низата повеќедецениски спорови меѓу двете НАТО сојузнички. „Оруч Реис” предизвика тензии во источниот Медитеран откако Турција го испрати со мала флотила воени бродови на спорните мориња на 10 август. Подоцна, Турција го повлече „Оруч Реис”, што вчера од Грција беше оценето како вистински чекор во правец на деескалација на ситуацијата. Но, денеска Анкара информира дека повлекувањето е само привремено.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, при вчерашната посета на Кипар изјави дека Вашингтон е исто така „длабоко загрижен” од истражувањата што ги спроведувана Турција „во областите над кои јурисдикција имаат Грција и Кипар”.
Турција негодува поради таканаречената „мапа од Севилја”, на која Грција се повикува во тврдењето за спорните води.Мапата беше подготвена од шпанскиот универзитет во Севилја во име на Европската унија во раните 2000-ти.
Со неа се предлага да се обезбедат целосни економски зони за малите острови на Грција во Егејот и Кипар во источен Медитеран.
Турција оценува дека мапата го нарушува нејзиниот суверенитет и е во спротивност со минатите примери на далечни острови на земјите кои не добиваат целосни економски зони.
Чавушоглу смета дека мапата е причина за сите тензии и бара Грција да се откаже од мапата, па да почнат преговори за спорните територијални води.