Првичниот шок од здравствената криза е поминат, енергетскиот сектор е подготвен и за зимскиот период кој следува, порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски кој денеска преку преку он-лајн платформа претседатеваше со 46-тиот состанок на Одборот на регулатори на енергетската заедница (ECRB)
Тој во воведниот говор на почетокот на состанокот посочи дека Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги имаше сериозни предизвици во работењето во тековната година, работеше во вонредни околности и посредуваше во креирање мерки кон ранливите категории на граѓани погодени од здравствената криза.
Регулаторите членки на Енергетската задница, како што соопштуваат од Регулаторната комисија за енергетика, на состанокот ја поддржаа Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија да не потклекне на политичките притисоци од страна на опозицијата и да продолжи со својата стручна и транспарентна работа која обезбедува независност во одлучувањето.
-Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во време на вонредната состојба усогласи механизам со енергетските компании со којшто граѓаните кои беа погодени од здравствената криза имаа можност да ги плаќаат сметките од кризните месеци на рати без камата. Во исто време издадовме препорака до компаниите да не ги исклучуваат потрошувачите поради неплатени сметки за потрошена електрична енергија, вода и топлинска енергија. Овие разговори се тема и сега – во пресрет на зимата. Донесовме одлука за зголемување на цената на електричната енергија од 7,4 отсто што во просек за сметка од 25 евра, значи зголемување од 1,85 евра. Паралелно покренавме јавна иницијатива во координација со Енергетска заедница да се разгледа можноста за привремено проширување на листата на граѓани опфатени со субвенции за енергетска сиромаштија со оние лица кои се погодени од здравствената криза, истакна Бислимовски.
Смета дека недостига институционална проактивност од извршната и законодавната власт за реализација на нивните иницијативи и предлози, која веројатно, како што рече, се должи на изминатиот изборен период, па институциите не беа целосно во функција. Од друга страна се појави притисок од опозицијата која наместо да предлага решенија во Собранието, врши неоправдан притисок врз Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги со континуирани протести за промена на одлуката за покачување на цената на електричната енергија. Но и покрај притисоците од политичките протести, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги продолжува да работи посветено со полн капацитет водејќи се од начелата на транспарентност и отчетност и ќе опстои во својата независност потврдена од Европската Енергетска заедница.
Потенцира дека изминатиот период со здравствената криза овозможи да стекнеме искуства за одржување на стабилноста на енергетските системи во време на пандемија. -Деталната координација во сите енергетски компании преку формирање на дежурни тимови, но и меѓусебната комуникација помеѓу компаниите, се покажа како клучна во обезбедување на одржливоста на системот, појасни Бислимоски.
Тој додаде дека како претседател на Одборот на регулатори на енергетската заедница горд е што сите регулаторни тела ја исполнија задачата да се обезбеди сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија, гас, и нафтени деривати, и во услови на пандемија. -Во ова време, покрај стручноста и знаењето, вештината за добра организација и заштита на здравјето на вработените беше примарна цел во функционирањето на регулаторните тела. Изминатите месеци можат да се сметаат за подготовка за зимскиот период којшто следува, изјави Марко Бислмоски претседател на Одборот на регулатори на енергетската заедница и претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.
Регулаторните тела членки на Енергетската заедница ја поздравија одлуката на Владата на Република Северна Македонија која на предлог на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги го номинираше операторот на пазарот на електрична енергија за оператор на организиран пазар на електрична енергија на берзата. Станува збор за прва номинација во овој сегмент во земјите членки во Енергетска заедница – што е показател за напредните реформски активности во земјава. Во негова надлежност ќе биде и да врши спојување на пазарите на електрична енергија со земјите од регионот.
Координирани заеднички ставови на регулаторните тела во однос на енергетската политика, усогласување на регулаторните правила за прекугранична соработка, како и споделување на регулаторно знаење и искуство, се трите столба врз основа на кои реферираат регулаторите на секој заеднички состанок. Во декември 2019 година, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски беше едногласно избран за претседател на Одборот на регулатори на енергетската заедница (Energy Community Regulatory Board – ECRB).
На есенскиот редовен состанок регулаторите од Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Украина разговараа за предизвиците со кои се соочуваат во однос на сигурна и стабилна испорака на енергија во време на пандемија, како и реализацијата на енергетските реформи во вонредни услови