Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потпиша историски договор за воспоставување дипломатски односи на еврејската држава со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелскиот лидер потпиша билатерални договори во Белата куќа со министерот за надворешни работи на ОАЕ, Абдула бин Зајед Ал Нахјан и министерот за надворешни работи на Бахреин, Абдулатиф ал Зајани, а тројцата лидери потпишаа заедничка декларација со Трамп.
Документите се наречени „Абрахамови договори”, а Трамп ги потпиша во својство на сведок.
Трамп ја поздрави „новата зора” за Блискиот исток во услови на подготовки на Израел, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин да потпишат значаен договор со посредство на САД за нормализирање на односите.
– По неколку децении поделби и конфликти, ние ја славиме зората на новиот Блиски исток, им рече Трамп на стотиците луѓе на церемонијата на потпишување на Белата куќа. – Ние сме тука попладнево за да го смениме текот на историјата, рече Трамп.
Нетанјаху, поканет да ги потпише договорите со министрите за надворешни работи на Бахреин и ОАЕ, му се придружи на Трамп, нарекувајќи го документот „историска пресвртница”.
– Овој ден е пресвртна точка во историјата, тој најавува нова зора на мирот, рече Нетанјаху на церемонијата.
Израелскиот премиер, исто така, рече дека новата шанса за мир спонзорирана од САД има потенцијал да стави крај на арапско-израелскиот конфликт засекогаш.
Во говорот, министерот за надворешни работи на ОАЕ, Абдула бин Зајед Ал Нахајан, лично му се заблагодари на Нетанјаху за „изборот на мир и запирање на анексијата на палестинските територии”.
Ова е првпат арапските држави да воспостават односи со Израел од Египет во 1979 година и Јордан во 1994 година.
За време на потпишувањето, беа истрелани две ракети од Појасот Газа, контролиран од Хамас, кон Израел.