Јужна Кореја денеска соопшти дека ниту еден заеднички јужнокорејско-американски воен план не содржи употреба на нуклеарно оружје, откако книгата на американскиот новинар Боб Вудворд предизвика дебата за сценарио за нуклеарна војна со Северна Кореја.
Во новата книга „Бес”, уредникот на „Вашингтон пост”, Боб Вудворд, напиша дека САД имаат планови за можен воен конфликт со Северна Кореја, кои содржат „американски одговор на напад што може да вклучува употреба на 80 парчиња нуклеарно оружје”. Книгата се базира на интервјуа со американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој пасус предизвика дебата во Јужна Кореја.
Министерот за одбрана на Јужна Кореја денеска рече дека заедничките оперативни планови (ОПЛАН) на САД и Јужна Кореја не вклучуваат употреба на нуклеарно оружје, со што ја повтори позицијата на претседателскиот кабинет.
Јужнокорејските власти тврдат дека во книгата има конфузни работи, бидејќи авторот се повикува на ОПЛАН 5027, кој не е создаден поради нуклеарна војна, туку за да се направат планови за распоредување војници и клучни цели.
– Тоа можеби укажува на максималното ниво на бомби што Северна Кореја би можела да ги искористи во војна од големи размери, но самиот број е премногу голем и тешко е да се сфати, без јасен контекст, изјави Ким Хонг-Кјун, поранешен јужнокорејски нуклеарен пратеник.