Бахреин и Израел дискутираа за партнерство во одбраната

Бахреин во понеделникот објави дека размислува за воспоставување на одбранбено партнерство со Израел по контроверзниот договор за нормализација на односите меѓу двете земји, пренесува официјалната Бахреинска новинска агенција (БНА).

Според БНА, во телефонски повик, министерот за одбрана на Бахреин, Абдулах ал-Нуаими и неговиот израелски колега, Бени Ганц, разговарале за заедничките очекувања за воспоставување на блиско партнерство меѓу двете министерства за одбрана.

Според новинската агенција, партнерството би придонело за подобрување на можностите на двете земји и за одржување на регионалната безбедност.

Според пишувањата на „Анадолија“, бахреинскиот министер за внатрешни работи, Рашид бин Абдула ал Калифа, истакнал дека нормализацијата на односите со Израел ќе ги заштити интересите на неговата земја.

„Договорот за воспоставување дипломатски односи со Израел е во рамките на заштитата на повисоките интереси на Кралството Бахреин, што значи заштита на ентитетот на државата“, вели Ал Калифа во изјавата објавена на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.

„Компатибилноста на нашите чекори со братските (Обединети Арапски) Емирати не е изненадна, туку ја потврдува длабочината на тесните историски врски меѓу двете братски земји“, рече тој.

„Кралството Бахреин од почетокот на палестинско-израелскиот конфликт беше во одбрана на палестинската кауза и овој став е недвосмислен, оваа декларација (нормализирањето) не е во спротивност со ставот на Бахреин во врска со Арапската мировна иницијатива и одлуките за меѓународен легитимитет“.

Објавувањето на договорот за нормализација на односите на Бахреин со Израел во петокот доаѓа околу еден месец откако ОАЕ објавија сличен договор на 13 август.  Бахреин стана четвртата арапска земја што воспостави дипломатски односи со Израел по Египет во 1979 година, Јордан во 1994 година и ОАЕ во август оваа година.

Договорите за нормализација на односите со Израел повлекоа голема осуда од Палестинците, кои нагласија дека ваквите договори не одат во корист на палестинската кауза и ги игнорираат нивните права.

Палестинските власти соопштија дека секој договор склучен со Израел треба да се заснова на Арапската мировна иницијатива од 2002 година врз принципот „земја за мир“, а не „мир за мир“, како што сака Израел.

Треба да знаете
Последни објави