Парламентарните партии до претседателот на Собранието испратиле дописи за формирање пратенички групи. Во Собранието се формирани четири пратенички групи, по две од владејачкото мнозинство и опозицијата, како и пратениците од Левица и ДПА кои не се во пратенички групи. Како независен пратеник на собраниската веб – страна засега фигурира само Игор Дурловски, кој е дел од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но не е член на партијата.
Пратенички групи формираа СДСМ и коалицијата „Можеме”, ДУИ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија” и Алијанса на Албанците и Алтернатива, а како независни ќе делуваат двајцата пратеници од Левица и ДПА.
Координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата е Јован Митрески, а заменик Соња Мираковска, а претседателот на Собранието дополнително ќе биде известен за вториот заменик-координатор. Барањето е потпишано од 46 пратеници.
На пратеничката група на ДУИ координатор е Изет Меџити, а заменик координатор е Арбер Адеми, а за вториот заменик дополнително ќе биде известено. Во оваа пратеничка група се 14 пратеници.
Никола Мицевски е староновиот координатор на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а негови заменици се две жени, Дафина Стојановска и Ели Панова. Оваа пратеничка група брои 44 пратеници. За оваа пратеничка група е интересно што Игор Дурловски, како што стои на собранискиот сајт, во евидентен лист се изјаснил како независен пратеник.
Дванаесет пратеници ја сочинуват пратеничката група на коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива. Нивен координатор е Скендер Реџепи, а заменици Сурија Рашиди и Илире Даути.
Од Левица се Димитар Апасиев и Борислав Крмов, а од ДПА Мендух Тачи.
Врз основа на член 33 од Деловникот за работа на Собранието пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии, а пратеникот може да биде член само на една пратеничка група.
Пратеничката група определува координатор на пратеничката група и до
двајца заменици.
Врз основа на овој член, пратеничката група на претседателот на Собранието му доставува список потпишан од секој член на групата, координаторот и неговиот заменик.
Пратеничката група има право на стручна помош и право да користи
посебна просторија, согласно со бројот на пратениците.
За промената на составот на пратеничката група, на координаторот и на
неговиот заменик, се известува претседателот на Собранието, кој за тоа ги
известува пратениците.
Собранието на Република Северна Македонија брои 120 пратеници. Дел од владејачкото мнозинство се 62 пратеници од СДСМ и коалицијата, ДУИ и ДПА, додека опозициски делуваат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алтернатива и Алијанса и Левица.