Денеска е последниот рок кој косовската полиција го даде на Владата да ги исполни нејзините барања за исплата на дополнителни 300 евра за месеците јули и август, а доколку не го стори тоа полицискиот синдикат најави протести, штрајк и помала посветеност на работата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателката на Синдикатот на полицијата, Валбона Камбери, на денешната седница на собраниската Комисија за безбедност и одбрана изјави дека незадоволството кај полицајците е големо, посебно за работата во услови на пандемија, која не се стимулира од Владата.
– Три барања се упатени до Владата и ниеден одговор досега немаме добиено. Полицијата од 12 март работи по 12 часа на ден поради пандемијата на Ковид-19. Ова е голема пожртвуваност на полицијата која е во првите редови на борбата со пандемијата и за тоа нема никаква стимулација. Досега се заразени над 600 припадници, а десет од нив ја изгубија борбата со вирусот. Затоа стимулирањето на лекарите, но не и на полицајците, со по 300 евра за месеците јули и август, предизвика незадоволство кај полицијата, изјави Камбери.
Како еден од начините на изразување на незадоволството, Камбери најави дека полицијата ќе работи попасивно одошто досега, така што нема да врши контроли и да ги казнува граѓаните за неносење заштитни маски.