Најмалку 24 лица се удавија или исчезнаа кога брод со мигранти кој патувал кон Европа се преврте во Средоземното море покрај либискиот брег, соопшти денеска Агенцијата за миграции на ООН.
Портпаролката на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Сафа Мшели изјави дека либиската крајбрежна стража вчера пресретнала три брода и дека едниот од нив се превртел.
Таа рече дека чуварите извлекле две тела и дека преживеаните пријавиле дека уште 22 лица се водат за исчезнати и се верува дека настрадале.
Според Мшели, најмалку 45 преживеани од три брода се вратени на брегот. Сите мигранти се мажи, повеќето од Египет и Мароко.
– Оваа нова трагедија уште еднаш укажува на потребата од поголем капацитет за пребарување и спасување на Медитеранот. Наместо тоа, гледаме ограничувања на невладините организации и долги непотребни блокади, додаде Мшели.