Министерството за правда во наредниот период ќе испрати нови барања за екстрадиција на сторители на кривични дела, за кои има нови околности или обвиненија.
-Ќе укажеме на сите нови околности за да се обидеме да ги донесме оние кои се обиделе да избегаат или избегале од правдата, рече министерот Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање по денешната средба со новинари.
Во врска со екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски тој истакна оти е одлука на унгарската Влада да не го екстрадира.
-Ние последниве три недели немаме добиено никакви нови одговори. Мислам дека претхходно во два наврата имаме побарано екстрадиција, сега ќе побараме повторно согласно новите околности и обвиненија. Одговорите се секогаш исти, мислам дека тоа е нивна и политичка проценка и одлука на унгарската Влада за задржување на бегалецот Груевски, рече министерот за правда.
Тој истакна дека Министерството за правда редовно доставува барања за екстрадиција за сите сорители на кривични дела, оние кои се во постапка, а се во бегство. За некои од нив, рече, досега неколку пати е побарана екстрадиција.
На прашањето за екстрадиција на лицата обвинети во „Монструм”, министерот Маричиќ истакна дека неодамна разговарал со косовскиот министер за правда, но не станало збор за конкретни случаи. Тие се договориле набрзо да имаат средба на која ќе бидат отворени сите прашања.
-Мислам дека постапката за случајот „Монструм” во наредниот период ќе има некаква разрешница, барем така најавија и од обвинтелството и судовите. Верувам дека тоа ќе биде завршено во најкус можен рок. Јас како министер за правда сум подготвен повторно да ги поднесеме барањата и во Будимпешта и во Косово и секаде каде имаме луѓе кои избегале во претходниот период, рече министерот за правда Маричиќ.