Екипите на Град Скопје од денеска го реконструираат булеварот „8 Септември“, на потегот од булеварот Илинден до улицата Скупи. Во текот на градежните работи ќе се изврши комплетна реконструкција на коловозот, обнова на тротоарите со замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници, во двете насоки, во должина од 980 метри. – Реконструкцијата ја почнуваме со тротоарите и велосипедските патеки, а во текот на неделата ќе се префрлиме и на коловозот. Станува збор за релација долга 980 метри, која претставува главна артерија што ги поврзува населбите Карпош 2, 3 и 4 со Злокуќани, Бардовци, Момин Поток и другите населби во северниот дел од градот. Ќе изведеме и нова велосипедска патека со што ќе го завршиме таканаречениот Конектор број 5 и ќе ги споиме населбите Карпош, Злокуќани и Бардовци со велосипедската патека на кејот на Вардар. Ќе формираме и нов дрворед од околу 100 дрвја, а ќе уредиме и средишна жардиниера, рече денеска градоначалникот на Градот Петре Шилегов.
За реконструкција на булеварот „8 Септември“ ќе се вложат 43 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи треба да завршат во рок од 40 дена. Шилегов упати апел до граѓаните да покажат трпение додека траат градежните работи на сообраќајниците. Прашан за решение за десното крило кај Момин Поток, тој рече дека до средината на наредната година ќе започнат со изградба на најголемата раскрсница кај Момин поток и веројатно, како што додаде, до година ипол од започнувањето на работите нема да има проблеми со гужвата што сега се создава таму.
Булеварот 8.Септември е десетта реконструкција која ја почнува Град Скопје во изминативе две недели. Поради тоа, Шилегов упати апел до граѓаните да покажат трпение додека траат градежните работи на сообраќајниците, за зимата да ја дочекаме со реконструирани улици во сите општини.
Значајно е да се нагласи дека пред 2 години Градот Скопје на булеварот 8.Септември изгради велосипедска патека од улицата Варшавска до надвозникот кај „Александар палас“.