Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think” предлага враќање на мерката 14.500 денари по вработен за дејностите кои биле најсилно погодени од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид -19.
Поточно, предлогот на „Finance Think” е да се доделат 14.934 денари месечно по вработен за компании кои во периодот јули – септември имале пад на приходите во однос на периодот април-јуни. Компаниите ќе треба да се обврзат на 1 октомври да имаат најмалку ист број вработени како на 30 јуни и да го задржат истиот број вработени во рок од три месеци по завршување на мерката, односно до март следната година.
Очекувањата се дека со оваа мерка би биле опфатени 68.568 работници. Месечниот трошок за реализација на мерката би бил 16,6 милиони евра, а вкупниот трошок 100 милиони евра. На работа би се вратиле 11 илјади работници што, според проценките на Институтот, е една четвртина од нововработените.
Со реализација на мерката би имало и дополнителен приход во Буџетот врз основа на данок на личен доход и придонеси од најмалку 7,2 милиони евра.