Амбасадорката на САД Кејт Брнз денеска беше во посета на Центарот за логистика на Црвен крст во Момин Поток –Скопје каде со генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити разговараа за досегашната соработка во рамки на Ковид операциите, а се запозна и со системот на работа на хуманитарната организација
Брнз се заблагодари на Црвениот крст за неверојатната работа за време на пандемијата со Ковид 19 преку обезбедување помош за граѓаните на земјата, особено на оние кои беа најмногу погодени, а се сретна и со дел од волонтерите вклучени во активностите на терен на Црвениот крст.
-Ние сме особено горди што сме партнери, во текот на изминатата година преку УСАИД и други програми обезбедивме помош за Северна Македонија. Дел од помошта од 1,5 милиони долари која ја обезбедивме беше насочена директно преку Црвениот крст за обезбедување храна и хигиенски средства за деца, како и за обука за психолошко-социјални услуги наменети за најранливите лица во заедницата. Но тоа не можевме да го направиме без помошта од волонтерите, без лицата кои ги подготвија пакетите и ги доставија до лицата на кои им е потребна. Ја искористив можноста да поразговарам со некои од овие исклучително талентирани млади луѓе кои одвоија дел од своето време да направат разлика, да им помогнат на луѓето на кои оваа помош и услуги им беа многу потребни. Тие ме инспирираа за иднината на оваа земја, за подготвеноста на граѓаните да им помогнат на своите сограѓани, рече Брнз.
Генералниот секретар Саити посочи дека во рамки на Ковид операциите во еден сегмент биле поддржани од УСАИД. Спровеле активности за помош и поддршка на ранливото население. Поделиле пакети храна и хигиенски средства за околу 4200 семејства, доделена е помош на 1000 бебиња. Била пружена и психосоцијална помош на околу 3000 луѓе преку воспоставен сервис за вакви услуги во 21 град во државата и преку 18 оператори.
-Се договоривме дека и понатаму ќе продолжиме да соработуваме за заедничко добро и помош и поддршка на ранливото население во државата. Уште еднаш се истакна доброто партнерство со Американската амбасада и американскиот народ како и улогата на волонтерите и волонтеризмот. Работењето на Црвениот крст не може да се замисли без волонтерите. Тие се една носечка сила во нашите активности која и во иднина се очекува да го носи главниот товар, рече Саити.
Тој истакна дека Црвениот крст останува проактивен во наредниот период и се подготвуваат, според сите проценки, за евентуален посилен бран од епидемијата оваа есен..Подготвени се во наредниот период преку брза организација и реорганизација да дадат поддршка на образовниот систем, на училиштата во подигање на свеста околу хигиената и поддршка на ранливото население. Една од главните поддршки во наредниот период, вели, ја очекуваат од Меѓународната федерација која ќе ги помогне напорите на Владата за справување со ситуацијата во делот на хуманитарните предизвици.