Претседателот на САД, Доналд Трамп оцени дека договорот за економска нормализација потпишан од српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти ќе ги направи Србија, Косово, Балканот и светот побезбедни и истакна дека за таков чекор е потребна вонредна храброст на лидерите, објави Стејт департментот на Инстаграм.
Трамп нагласил дека „била потребна извонредна храброст” на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти да одат на овие разговори и да дојдат во Вашингтон за да ги финализираат тие обврски.
„Со тоа тие ги направија своите земји, Балканот и светот побезбедни”, наведе Трамп.
Србија и Косово, со посредство на САД, на 4 септември потпишаа договор за нормализирање на економските односи во Белата куќа. На церемонијата на потпишување присуствуваше и американскиот претседател.