„ПРО-ЗА Балкан”: Писателките се сѐ побројни и со поквалитетни дела

Писателките Магдалена Блажевиќ, Маја Солар и Елизабета Баковска беа во фокусот на програмата на втората вечер на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“. Во Куршумли ан се разговараше за повеќе теми меѓу кои феминизмот, женското тело, идентитетот.

Хрватските писатели Анте Томиќ и Миљенко Јерговиќ кои не можеа да пристигнат во Скопје, учествуваа синоќа преку снимен видеоразговор специјално за публиката на фестивалот. Тие, меѓу другото, зборуваа и за своите последни книги објавени на македонски јазик – „Маж без мустаќи“ (Томиќ) и „Мачка, човек, куче“(Јерговиќ).

Со музичко парче инспирирано од филмот „Устав на Република Хрватска“, снимен според сценариото на Томиќ, настапија Андреа Мирческа, контрабас и Гоце Јованоски.

Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев ја претстави младата книжевна ѕвезда во регионот, Магдалена Блажевиќ од Босна и Херцеговина. Таа објасни дека долго работи на некој расказ, некогаш и по два месеци затоа што остава од „одлежи“ и потоа пак го препрочитува. Вели дека пишува раскази кои таа како читател би сакала да ги прочита и дека многу сака синтагми и фрази кои ги наоѓа во поезијата.

-Мислам дека јазикот е подеднакво важен колку и тоа што се случува во приказната. Ако имате само добра приказна, а немате добар јазик тогаш немате добра литература – рече Блажевиќ и спомена дека меѓу авторите на раскази кои ги чита е и Румена Бужаровска.

Прокопиев ѝ рече дека во нејзините раскази има многу насилство и ја праша дали има нешто што ја поттикнува на такво пишување.

-Пораснав во селска средина, во една затворена заедница со сопствени правила на празноверие. Секако дека не можам да пренесам како било бидејќи сеќавањата се секогаш искривени, но за мене како писател тоа ми одговара. Расказите кои зборуваат конкретно за чедоморство, за насилство, за нелегални абортуси се вистините затоа што јас запишував факти кои тие жени ми ги раскажуваа. Но, морав од тоа да изградам живи ликови, жива атмосфера – рече Блажевиќ.

Писателот Владимир Јанковски во своите воведни зборови за Маја Солар од Хрватска, рече дека е авторка на жестока литература и авторка на филозофско-критички осврти во кои е доста критична кон одредени феномени во светот во кој живееме. Таа вели дека не се плаши од конфронтирање. Јанковски додаде дека кога ќе се пребара нејзиното име на интернет пишува дека таа е марксистичко-феминистичка филозофка и ја праша дали таа идеолошко-политичка одредница ѝ смета.

-Сите ние, свесно или не, репродуцираме некоја идеологија. Многу ми е значајно кога за мене се зборува во контекст на феминизам да се каже точно кој е тој феминизам што мене ме интересира затоа што постојат мноштво феминизми кои мене ми се проблематични. Тоа не ми смета, но секако дека може да биде пречка кога така отворено зборуваш што си. Тоа си навлекува куп непријатели, што е сосема нормално. Не очекувам на сите да им се допаднам, но многу ми е важно да ги „отворам“ сите карти – појасни Солар.

Солар има изјавено дека копнежот нешто да мислиш, да пишуваш, да зборуваш во целост е неразделен од отпорот. Во контекст на ова таа рече дека често ја води бесот да пишува, како некој издувен вентил, и додаде:

-Не мислам дека ми служи како терапија, не ми помага често, но не можам и не знам поинаку. Тоа е моето оружје. Дефинитивно за мене е отпор. Најмногу ја сакам литературата и теми кои пркосат, кои покажуваат некаков отпор и можеби затоа тоа го канализирам на тој начин.

Претседателот на одборот за доделување на наградата „Прозарт“, Ермис Лафазановски ја претстави писателката и книжевна теоретичарка Елизабета Баковска. Таа преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика, а во последно време сѐ почесто пишува литература за деца.

Баковска, надоврзувајќи се на претходните авторки истакна дека нема еден феминизам, има многу феминизми и речиси секогаш постои непријатно чувство кога се зборува за феминизам, за женското писмо.

На прашањето на Лафазановски за еден нејзин есеј со наслов „Како жена јас немам татковина…“ дали се повикува на цитат на Вирџинија Вулф или можеби мисли дека како жена има мајковина и слично, Баковска одговори:

– Намерно ја цититам Вирџинија Вулф бидејќи таа е како прамајка на некој феминизмот. Она што мене ми беше интересно таму е како писателките се однесуваат кон концептот татковина и особено дали патриотизмот е нешто кое што е исклучива сопственост на мажите и дали се тие оние коишто диктираат како треба да изгледа, да се сака, да се доживува татковината, да се твори на мајчиниот јазик и дали постои некоја разлика како жените пишувале за тоа. Терминот мајковина го користам во моите есеи сакајќи да ги подвлечам оние разлики коишто ги забележав кај жените автори за коишто пишував.

За крај, таа истакна во последната деценија се зголемил бројот на авторки кај нас пропорционално и квалитетот на она што се пишува што лично многу ја радува и редовно ги чита.

Осмото издание на фестивалот ќе биде затворено вечерва во 19.30 часот. Ќе биде прочитан говорот на Исмаил Кадаре, добитникот на наградата „Прозарт“ за авторски присонес во балканската книжевност. Писателите-гости на фестивалот ќе прочитаат извадоци од свои дела.

 

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт“, а е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Институтот „Јунус Емре“ од Скопје, Делегацијата на ЕУ, Град Скопје, амбасадата на Босна и Херцеговина и од Кинотеката.

 

 

Треба да знаете
Последни објави