Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Загреб се состана со Милорад Додик, член на претседателството на БиХ од редовите на српскиот народ.
На состанокот се разговараше за состојбата во Босна и Херцеговина и нејзините евроатлантски перспективи, проблемите во спроведувањето на Дејтонскиот договор и положбата и правата на сите три конститутивни народи, Хрватите, Србите и Бошњаците.
„Интересот на Република Хрватска е стабилна и функционална Босна и Херцеговина, како и обезбедување на еднакви права на Хрватите во БиХ, како рамноправен и конститутивен народ. Затоа, Хрватска не може да остане пасивна и нема да поддржува иницијативи кон еднострана ревизија на Дејтонскиот договор, кои ќе ја загорзат стабилноста во Босна и Херцеговина и Југоисточна Европа”, беше истакнато во соопштението, пренесено од „Јутарњи лист”.
Како што е наведено, продолжувањето на дијалогот меѓу претставниците на сите три народи во Босна и Херцеговина е важно за реализација на стабилна и функционална БиХ, на која Хрватска, како пријателска и соседна земја, е подготвена да даде свој придонес.