Ракети од Газа повредија шестмина Израелци, а Хамас го осуди мировниот договор

Ракети истрелани во Израел од Појасот Газа повредија шест лица во вторникот вечерта во знак на протест за истовремено потпишување на мировните договори меѓу Израел и ОАЕ и Бахреин, кои терористичката група Хамас, која владее во Газа, ги нарече акт на агресија, пренесува „Хаарец“.

Сирените се огласија во јужните градови Ашдод и Ашкелон во моментот кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го завршуваше својот говор на церемонијата во Белата куќа по повод потпишувањето на историските „Аврамски договори“.

Двајца Израелци се хоспитализирани и се лекуваат од рани од шрапнели, соопшти ЕМТ службата „Маген Давид Адом“. Стратешкиот советник на Нетанјаху, Арон Клајн, упати остри критики кон терористичките кукавици.

„Кукавичките терористи во Газа очајно лансираат ракети кон Евреите затоа што знаат дека оваа нова ера на мирот ќе ги изолира нивните газди во Техеран“, напиша тој на Твитер. „Терористите, поддржани од Иран, нема да го запрат мирот ни за секунда кога децата на Аврам ќе се соберат да го создадат патот за вистински мир“.

Хамас го објави својот став веднаш по истрелувањето на ракетите, жестоко критикувајќи ги мировните договори.

„Договорите за нормализација меѓу Бахреин, ОАЕ и ционистичкиот ентитет не вредат за хартијата на која се напишани. Нашиот народ инсистира на продолжување на својата борба се додека не обезбеди враќање на сите свои права“, рече портпаролот на терористичката група.

За време на обраќањето на церемонијата, Нетанјаху рече дека мировните спогодби еднаш и засекогаш ќе стават крај на израелско-арапскиот конфликт и го поздрави „историскиот ден“. Тој исто така му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за одлучното лидерство.

Трамп рече дека договорот ќе стави крај на сите „лаги и предавства“ во регионот, како што е лагата дека џамијата Ал-Акса во Ерусалим е нападната од Израел.

„Овие лаги се пренесуваа од генерација на генерација. Но, земјите се ослободуваат од неуспешните пристапи во минатото. Луѓето на Блискиот Исток веќе нема да дозволуваат омраза кон Израел“, рече Трамп.

Треба да знаете
Последни објави