Министерството за образование и наука информира дека во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Бирото за развој на образование, спроведува обуки на наставниците коишто ќе бидат училишни обучувачи за користење на Единствената национална платформа за онлајн настава.
Обуката ќе трае од денеска до сабота и со неа се опфатени 1.600 наставници и резервни наставници коишто понатаму ќе треба да го пренесат знаењето за користење на платформата на своите колеги во училиштата.
– Предавањата на училишните обучувачи ги одржуваат триесет национални обучувачи кои беа избрани од редовите на наставниот кадар во основните и средни училишта од различни општини во земјата. Мастер тренерите претходно ги поминаа потребните обуки за да може да го пренесуваат знаењето и вештините за платформата. Пред официјалното пуштање на платформата во употреба на 1 октомври годинава ќе претходат низа тестирања, се додава во соопштението на Министерството за образование и наука.